ЌЕ ГИ ПЕАМ НАЈУБАВИТЕ МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ВО ОХРИД, ВЕЛИ АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА, КОЈА ЌЕ ОДРЖИ БЕСПЛАТЕН КОНЦЕРТ СО „МИТАН ПРОЕКТ“

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Андријана Јаневска ќе одржи концерт со музичкиот состав „Митан проект“ на 7 јули од 21 часот во Охрид, на летната сцена на Долни Сарај. Концертот е во рамките на Етно фестивал Охрид и Балкански фестивал на народни песни и игри. „Митан проект“ ќе настапи со преработки на македонски народни песни од своите албуми „Македонски рози“ и „Приказна за едно моме“.

„Ќе настапам со Илија Филиповски на виолина, Благојче Трајковски на кларинет, Александар Јовевски на кавал и тамбура и Мите Димовски. Драго ми е што ќе ги пееме најубавите македонски народни песни. Долни Сарај е една од најмагичните сцени бидејќи имаш чувство како да лебдиш врз езерото“, ни рече Јаневска.

Влезот на концертот е бесплатен. Првиот албум на „Митан“, „Македонски рози“, е издаден во 2008 и во државите на поранешна Југославија е продаден во над 300.000 промероци.

Фестивалот почна на 3 јули и ќе трае до 7 јули. Ќе настапат повеќе културно-уметнички друштва од Македонија, Бугарија и Србија, како и КУД „Јане Сандански“ од Мелбурн, Австралија.

Андријана Јаневска, виолинистка во Операта и професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, лани на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ беше промовирана во докторка на науки. Таа пред 11 години почнала да собира народни песни одејќи низ селата во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора кога била во шестиот месец од бременоста со помалиот син. Постариот син Димитар, кој тогаш имал три години, бил со неа на ова патување, додека од жените во селата ги наоѓала песните. Сега се 109 и Јаневска вели дека сите со мерак може да ги испее.

М. ЏАРОВСКА