„Силви бенд“ прослави 35 години на сцената со концерт во Античкиот театар во Охрид сношти (31 јули). Вечерта почна со песната „Летни гулабе од Охрид“ и балетска точка, по која Силвана Мучиќ-Плевнеш пушти гулаб да одлета од сцената.
Концертот беше сеќавање на сите песни на дуото, кое публиката го засака во емисијата „Оваа сабота“ на МТВ во 1990-тите, кое почнуваше со нивната песна „Македоламбада“.
„Уредник на таа емисија беше Димитар Масевски, за кој слободно можеме да кажеме дека е нашиот татко. Тој нѐ откри и нѐ проби и затоа сме му вечно благодарни. Соработката потоа продолжи со неговиот син Александар Масевски, во чие студио во Амстердам исто така снимавме“, рече Силвана Мучиќ-Плевнеш за познатиот композитор Димитар Масевски, кој почина во 2015.

Во текот на целиот концерт, Силви и Влатко Плевнеш зборуваа за љубовта која ги одржала на сцената 35 години.
„Ќе ви пеам сѐ додека можам да стојам и додека ме држи гласот“, ѝ рече Силви на публиката.
За дуетската песна со Игор Џамбазов, „Убавица и ѕвер“, рече дека Џамбазов е ѕверот, а таа убавицата.
„Игор е оправдано отсутен, тој живее на друго езеро“, рече Влатко Плевнеш.
Дуото ја потсети публиката на нивните балади од Григор Копров и други домашни автори кои беа наградени на домашните фестивали, а вечерта заврши со нивниот најголем хит „Ангели ме носат“ од Макфест, чиј автор е Драган Вучиќ.
Концертот го збогатија бенд и камерен оркестар со гудачи и дувачи, а придружни вокали пееја Ана Костадиновска и Теа Богатинова.
М. ЏАРОВСКА