Дуото „Силви бенд“ ќе прослави 35 години на сцената со концерт во Охрид денеска (31 јули) во Античкиот театар од 21 часот. Силвана Мучиќ-Плевнеш и Влатко Плевнеш најавуваат концерт со нивни популарни песни, а ќе ги придружува симфониски оркестар.
„Сакавме јубилејот да го прославиме токму овде, во мојот роден град, недалеку од семејната куќа каде што го поминуваме секое лето. Многу ми е драго што ќе настапиме со симфониски оркестар, со внимателно избрани музичари кои свират во нашите поголеми оркестри. Со душа го чекаме 31 јули“, ни рече Влатко Плевнеш.
Музичарот се сеќава на нивните почетоци и вели дека има многу спомени со сопругата Силвана за овие 35 години.
„Јасно се сеќавам колку трема имавме кога влегувавме во Македонската радио телевизија за нашата прва песна ‘Македо ламбада’, која ја пеевме во емисијата ‘Оваа сабота’. Автор е легендарниот Димитар Масевски, кој е најзаслужен за нашите почетоци. Не знам колкумина се сеќаваат, тапани со нас тогаш свиреше Мики Јовановски-Џафер. Со многу наши драги колеги поминавме убави години, но никако не треба да се заборави дека нашиот хит ‘Ангели ме носат’ го напиша Драган Вучиќ“, вели Влатко Плевнеш.
Во 2022, „Силви бенд“ ја преработи традиционалната песна „Ја излези стара мајко“, за која дознале дека настанала токму во семејната куќа на Плевнеш во Охрид.
„Сосема случајно, еден повозрасен сосед ни раскажа дека девојката за која се пее во песната во тоа време живеела во оваа куќа и се вљубила во Осман бег. Таа ја повикувала својата мајка да излезе на пенџерето и да го види момчето кое го сака“, вели Силвана Плевнеш.
Од оваа легенда, додава таа, настанале и стиховите: „Ми помина Осман бегот, умрев за него“ и „Ќе ме носит во Охрида, мила мајчице“.
Билетите за концертот се продаваат преку мрежата на Купи карта.
М. ЏАРОВСКА