Славниот актер Кијану Ривс гостуваше во Крагуевац, но на заради снимање филм, туку за концерт на неговиот бенд „Догстар“. Американската рок група, која лани се возобнови по 23 години пауза, настапи на првата вечер на Арсенал фест во Крагуевац.
Иако „Догстар“ не спаѓа во најзначајните имиња на гранџ жанрот, самото присуство на Ривс ги направи главна атракција на фестивалот. Српските медиуми објавија дека Ривс со колегите дошол во Крагуевац еден ден порано и безгрижно се шетал низ градот и фотографирал со случајни минувачи, што се вклопува во неговиот имиџ на една од најприземните холивудски ѕвезди.
Формиран во 1991, „Догстар“ сними два албума во 1996 и 2000, пред да се растури во 2002. Ривс свиреше бас гитара и интересот за групата растеше паралелно со неговата актерска кариера. Ривс и екипата повторно се собраа лани и потоа објавија нов албум, по што следеше и турнеја, која ги донесе и во Загреб.
(Фото: Фонет)