КИКИ, СИНОТ НА АКИ РАХИМОВСКИ, СНИМИ СПОТ НА КАМЕНИТЕ КУКЛИ ВО КРАТОВСКО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачот Кики Рахимовски од Загреб, синот на фронтменот на „Парни ваљак“ Аки Рахимовски, спотот за новата песна го сними во локалитетот Камени кукли во селото Куклица, Кратовско. Рахимовски сними спот за насловната песна од неговиот нов албум „Двојна прегратка“ (Дупли загрљај), во издание на „Кроација рекордс“, чиј автор е менаџерот и композитор Саша Драгиќ.

Рахимовски вели дека симболично ја избрал Македонија за снимање на новиот спот поради потеклото на татко му кој е роден во Ниш, а детството и младоста ги помина во Скопје. Аки Рахимовски почина на 22 јануари во 2022 во Словенија каде што живееше со семејството. За Кики Рахимовски, интересна е легендата за камените кукли, сватовите кои се скамениле на свадбата поради клетвата на една жена.

Спотот го режираше Александар Ристовски-Принц, а ќе се промовира на 19 мај, заедно со албумот кој засега е достапен на дигиталните музички платформи. Во видеото глумат моделот Мила Драговиќ од агенцијата „Моделс ин“ (фото), менаџерот Саша Драгиќ и Емил Милев, тапанарот на македонската група „Бело копче“.

„Овој албум им го посветив на моите родители, од лични причини. Имам дваесетгодишна музичка кариера полна со подеми и падови. Одамна сфатив дека животот не е трка, туку маратон во кој треба многу да научам. Албумот го нареков ‘Двојна прегратка’ зашто двојната прегратка може да значи многу. Луѓето се разделуваат, а потоа се смируваат со прегратка“, вели Кики Рахимовски.
Новиот албум има десет песни кои се пишувани во изминативе неколку години.