Музичарот и продуцент Кирил Џајковски ја отвори новата година со концерт на плоштадот во Шибеник (Хрватска), најавувајќи голем број новитети во 2019. Тој настапи во тандем со британскиот музичар Дејвид Лајон, кој и во нареден период ќе биде еден од неговите главни соработници.

Џајковски по едногодишна пауза се врати на сцената со свежа музичка понуда. За почеток беше промовиран синглот „Потсетник“ („Reminder“), кој претставува спој на балкански ритам, глич хоп и реге. Во издание на „Филтер лејбл“, ова е првиот во низата синглови што ќе бидат објавени во претстојниот период.

„Отсекогаш сум ја сакал комбинацијата на реге, даб и на електронска музика, што е и очигледно од некои мои претходни соработки. Дејвид Лајон исто така доаѓа од реге сцената и освен што е одличен пејач, тој е и многу добар рапер, комбинација која совршено одговара за моите концертни настапи и идеално се вклопи во мојот нов авторски материјал“, вели Џајковски.

Тие веќе работат заедно на новиот материјал, кој ќе биде презентиран годинава, а Лајон ќе настапува со нашата ѕвезда и на неговата летна турнеја. Настапот во Шибеник беше и прва концертна промоција на новите сингл и видео, кои излегоа кон крајот на 2018.