КОКИ ЈАНКОВ ГИ ПРОМОВИРАШЕ ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ПЕСНИ ОД АЛБУМОТ СО 20 ПРЕРАБОТКИ, НАЈАВУВА ПОЗНАТИ МУЗИЧАРИ НА КОНЦЕРТОТ ВО НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска (20 мај) излегоа последните две песни од новиот албум на Коки Јанков, „Навикни на промени“. Со промоцијата на песните „Еден пат за еден живот“ и „Едно мирно топло лето“, виолинистот го заокружува албумот со 20 преработки на песни кои ги свиреше со дуото „Дуле и Коки“ и со групата „Тајфата“.

„Секој понеделник во изминативе два месеца излегуваа по две песни и два спота, кои ги снимавме во Велешкиот театар. Овојпат, со екипата музичари решивме да не го чекаме следниот понеделник за новите песни, туку да излезат денеска“, рече Јанков.

На албумот се најдоа и песните: „Навикни на промени“, „Залудно е да се напијам“, „Мене место не ме фаќа“, „Бела ајта“, „Еј калдрмо“, „Нато мори душманке“, „Марама“, „Не ми е денот“, „Колку треба да се плати“, „Јас и ти“, „Песна за Дуле и Коки“, „Нека ти е простено“, „Е мој бато“, „Кај си ми тргнал далдисал“, „Виолина и гитара“, „Јас сум нула без тебе“, „Дај ми шанса“ и „Кога едно прават две“. Песните се снимени во студиото на Темелко Андреев во Велес.

Јанков веќе најави и голем музички настан. На 14 ноември ќе одржи концерт во Филхармонијата, по повод 30 години од победата на песната „Виолина и гитара“ на Макфест. Публиката ќе има можност во живо да ги слушне песните со кои Дуле и Коки оставија белег на македонската музичка сцена.

Со Коки Јанков ќе настапат музичарите Дамир Имери (клавир), Ратко Даутовски (удиралки), Мишел Трајковски (хармоника), Борче Ѓоргиев (контрабас), Мартин Овен (виолина), Матеј Темелков (удиралки) и Ана Костадиновска како придружен вокал.

Јанков вели дека овој албум му е посветен на долгогодишниот пријател и соработник Венко Серафимов.

„Сакам да им се заблагпдарам на сите автори на песните, меѓу кои се Александар Митевски, Дејан Георгиевски-Џене, Валентино Скендеровски, Калиопи, Огнен Неделковски, Григор Копров, Игор Џамбазов, како и на Војче Петрушев, кој отсвире хармоника на новите верзии. Сите имаат голем придонес во создавањето на овој музички материјал“, вели Јанков.

На јубилејниот концерт ќе има и многу гости, кои дополнително ќе бидат објавени. Сите песни се достапи на јутјуб каналот на Коки Јанков, на сите музички платформи и на социјалните мрежи.

М. ЏАРОВСКА