Музејот на Северна Македонија од денеска гостува во Националниот етнографски музеј при Академијата на науки на Бугарија со изложбата „Црн петел, црвена кокошка – култови на плодноста: обреди, обичаи и верувања“. Изложбата е подготвена од Музејот на Северна Македонија и Археолошкиот музеј на Северна Македонија и презентира дел од култовите на плодноста што се практикувале на оваа територија од предисторијата до денес.

Култовите и обредите на плодност се претставени преку разни предмети, како женски фигурини од предисторијата (антропоморфни и зооморфни жртвеници), опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија.

„Таа еротика низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво, во вид на песни, приказни, поговорки и гатанки, како еден вид вербална магија, со цел да се иницира плодност и кај човекот и кај природата. Жените во Македонија и денес активно посетуваат култни и свети места – манастири, цркви, турбиња, води, камења и друго, вршејќи разни обреди поврзани со плодноста“, вели авторот на изложбата Јован Шурбаноски.

Коавтори на изложбата се Јасемин Назим, Александра Папазовска и Владимир Боцев.