Вечерва (11 јули) од 19.30 часот во црквата Света Луција во Драч, Албанија, концерт ќе одржат македонските уметници, сопранистката Ана Митоска и пијанистката Јанинка Невчева.
Концертот е во организација на Културно информативниот центар на Македонија во Тирана, во соработка со Фестивалот за камерна музика во Драч. Фестивалот за камерна музика во Драч е еден од најпрестижините фестивали за класична музика во Албанија и оваа година се одржува по 20-ти пат.
„Концертот на македонските уметници е дел од заложбите на директорката на КИЦ Тирана Ема Попивода, за продлабочување на културната соработка помеѓу Македонија и Албанија, преку промоција на високи уметнички достигнувања и размена на музички вредности“, велат организаторите.