Индиските музичари „Бармер бојс“ во 20 часот ја отвораат четвртата вечер, последна од овој дел, на 17. издание на фестивалот Оффест, бенд кој ги продолжува старите музички традиции на Манганиерите.

Ова трио се смета за глобален амбасадор на Суфи музиката и на современиот фолклор на Раџастан, кадешто се наоѓа област по којашто бендот го добил името, а своето меѓународно деби го имаше на престижниот фестивал „Роскилде“ во Данска во 2014 година.

Групата ја предводи пејачот Манџи Кан, додека Раис Кан го надополнува со повеќе индиски традиционални инструменти.

По вчерашниот настап со „Ифрикија електрик“, Франсоа Камбуза (гитара, електроника, вокал) и Џана Греко (бас гитара, вокал) ќе го претстават својот поинаков музички проект, наречен „Транс-еолијан трансмишн“ (21.30 часот).

Нивниот настап ќе биде проследен со проекција на документарен филм, што самите го снимиле на своето необично патување, што ги опфати и пустината Такламакан во северна Кина, регионот Шинџијанг и планинскиот масив Каракорам.

Двата концерта ќе се одржат во кино Фросина.