КОНЦЕРТОТ „ЦВЕТНА СИМФОНИЈА 2“ СО ОРКЕСТАРОТ „ДИВА“ НА 16 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ, ЌЕ СВИРИ ФИЛМСКА МУЗИКА, ИТАЛИЈАНСКИ КЛАСИЦИ И ОПЕРСКИ АРИИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Битолскиот камерен оркестар „Дива“ ќе го одржи второто издание на концертот „Цветна симфонија“ на 16 ноември од 20 часот во Филхармонијата во Скопје. По настапите во Битола и Охрид, оркестарот повторно доаѓа пред скопската публика со италијански класици, оперски арии и познати филмски теми.

Оркестарот ќе настапи во симфониски состав заедно со хорот „Гортинија“ од Гевгелија, а како гостин ќе настапи и хорот „Балтепе“ од Тетово. Ќе диригира Владимир Димовски. На сцената ќе настапат Јаворка Витанова, Виолета Арсовска и Зана Абази-Рамадани, а специјални гостинки се Наде Талевска и Билјана Талевска.

На програмата се познати композиции од филмовите „Добриот, лошиот и грдиот“ и „Гладијатор“. Посебен дел од концертот ќе биде изведбата на славниот дует „Барселона“ на Фреди Меркјури и оперската дива Монсерат Кабаље. Во Скопје ќе го изведат Наде Талевска и Бојан Стојков, во придружба на оркестарот „Дива“.

Концертот е замислен како спој на различни музички жанрови, вокални изведби и оркестарски аранжмани, со цветна сценографија. Билетите се продаваат онлајн преку платформата e-ticket.mk.

Фото: К. Попов