Најголемото име на главната бина на годинашниот Гластонбери не е „Колдплеј“ или Дуа Липа, туку бенд за кој многумина во Европа не ни слушнале. Станува збор за корејскиот бој бенд „Севнтин“ кој се состои од 13 членови и лани продал повеќе од десет милиони албуми, помалку само од Тејлор Свифт.
Иако „БТС“, „Блекпинк“ и „Аеспа“ успеаја да се пробијат на западот, нивните најголеми хитови беа соработки со имиња како Селена Гомес, Леди Гага и „Колдплеј“. „Севнтин“ не прават соработки и за разлика од повеќето корејски поп ѕвезди, сами ги пишуваат и продуцираат своите песни и албуми. Тие сега ќе испишат историја како првиот корејски бенд кој ќе настапи на култната бина „Пирамида“.
Бендот потекнува од зелениот подрум на јужнокорејската музичка компанија „Пледис“, каде што членовите биле избирани, одбивани, обучувани и исполирани низ долг и исцрпувачки процес.
„Тоа траеше можеби четири-пет години“, вели раперот од групата Вонву.
Тој бил еден од првите регрутирани членови во 2011 и преживеал неколку рунди на аудиции, што беше документирано во онлајн серијата „Севнтин ТВ“. Бендот конечно дебитираше во мај 2015 и има три елементи: вокален, хип-хоп и танцувачки тим
Главната ѕвезда во бендот е Вузи, класично обучуван музичар кој е коавтор и продуцент на најголем дел од досегашниот материјал од повеќе од 140 песни. Сепак, за официјален лидер се смета 29-годишниот Ес Купс, кој е и најстар во групата.
Првиот миниалбум на „Севнтин“ се продал во само 1.400 примероци во првата недела и на групата ѝ требала цела деценија за да го достигне денешното ниво. Настапот на Гластонбери е дел од планот за проширување на публиката и ќе биде следен од светска турнеја.