„Кралот Фреди“, мјузикл посветен на Фреди Меркјури, ќе се одржи на 25 март од 20 часот во Центарот за култура во Битола, најави Битолски оркестар „Дива“ (фото).
Мјузиклот е направен по сценарио на Димитар Захариевски, во режија на Бојан Стојков, а Владимир Димовски ќе диригира. Димовски ги направи продукцијата и новите оркестрации за хитовите на „Квин“ што ќе ги свири оркестарот.
„Драго ни е што Битола ќе биде домаќин на првиот оригинален македонски мјузикл инспириран од животот и делото на неповторливиот Фреди Меркјури, гласот, духот и бунтот што засекогаш ја променија музиката. Ова е биографска музичко-сценска приказна за патот од соништата до легендата, за славата, љубовта, борбите и за бесмртното наследство на фронтменот на групата ‘Квин’“, вели Димовски.
Битолскиот пејач Бојан Стојков ќе го игра Фреди Меркјури, Димитар Захариевски е во улогата на Брајан Меј, Никола Пројчевски е Џон Дикон, Никола Стефанов е Роџер Тејлор, а Теона Крстеска ќе биде Мери Остин.
„Ова ќе биде концерт, театар и емоција во едно. Проект што ја поместува сцената во Битола и поставува нов стандард за домашната продукција“, велат организаторите.
М. ЏАРОВСКА