МАГИЈАТА НА ШОПЕН ВЕЧЕРВА НА КОНЦЕРТЕН РЕЦИТАЛ НА КРИСТИЈАН КАРОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Магијата на Шопен“ е насловен вечерашниот концертен рецитал на пијанистот Кристијан Каровски, што ќе се одржи од 20 часот во големата сала на Филхармонијата. На репертоарот се дела од големиот романтичар и пијанист Фредерик Шопен.

Каровски е роден во Скопје во семејство на музичари-пијанисти. Своето музичко образование го почнал во класата на проф. Људмила Романова, а го заокружил на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Борис Романов, каде што дипломирал и магистрирал со највисоки оценки и почест „кум лауде“.

Неговата концертна дејност започнала на 9-годишна возраст. Добитник е на награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари.

„Каровски израснува во пијанист со врвни перформанси и изразена индивидуалност. Сите негови настапи се одликуваат со зрелост и оригиналност во музичкиот израз“, велат од Филхармонијата.