„МАКЕДОНИСИМО“ ЈА ДОЛОВУВА СУШТИНАТА НА МУЗИКАТА – АЛБУМОТ НА ТРПЧЕСКИ СО ОДЛИЧНИ РЕЦЕНЗИИ ВО САД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Најстариот американски магазин за рецензии „Америкен рекорд гајд“, основан во 1935, на читателите им го препорача „амбициозниот проект инспириран од фолклорната музика, предводен од пијанистот Симон Трпчески“.

„Народната музика во неговата родна Македонија е преполна со ритмичка виталност и модална убавина. За Трпчески и многу други Македонци, таа е дел од секојдневниот живот и така е уште од детството. За ‘Македонисимо’, тој групирал песни и танци во шест фолклорни збирки. Македонскиот композитор Панде Шахов потоа ги транскрибирал за Трпчески и остатокот од квинтетот ‘Македонисимо’, составен од професионални класични и фолклорни музичари. Тие во 2017 тргнаа на меѓународна турнеја со проектот, што доведе до овој албум. И тоа каков албум!“, пишува критичарот Нејтан Феро.

И американскиот двомесечник „Фанфер“, специјализиран за класична и џез музика, им препорачува на своите читатели никако да не го пропуштат ова издание.

„Одличниот пијанист Симон Трпчески е горд на своето македонско наследство и овде прави пауза од Рахмањинов и Прокофјев, за со група од уште четворица музичари да почне програма од македонска народна музика. ‘Македонисимо‘, јазична мешавина што слободно може да се преведе како ‘мошне македонско‘, ја доловува суштината на музиката“, пишува „Фанфер“.

Според „КултурОп“, најавената северноамериканска концертна премиера на „Македонисимо“ е одложена поради пандемијата, а новите термини, зависно од ситуацијата, ќе бидат потврдени наскоро.