МЕЃУНАРОДНИОТ ФЕСТИВАЛ ЗА МЛАДИ ПЕЈАЧИ „ПЕСНИТЕ НА ТОШЕ“ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО ОКТОМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новото издание на меѓународниот фестивал „Песните на Тоше“ ќе се одржува од 15 до 19 октомври во Скопје, најави организаторот Марјан Катароски од Прилеп.

„Овој настан ги слави безвременската музика и хуманоста на Тоше. И годинава очекуваме млади пејачи од цела Европа кои ќе ги пеат неговите песни. Желба ни е да продолжат да живеат песните на Тоше Проески и да ги пеат и новите генерации. Ќе се пеат на јазикот на кој се снимени“, вели Катароски.

На ланскиот фестивал победи фаворитот на многумина, Нела Манчевска (фото), а за најдобрите гласаа членовите на бендот на Тоше. Најголем впечаток остави Софија Климентева од Украина, дете со оштетен вид, која ја испеа песната „Соба за тага“.

Впечатлив настап имаше и Емина Бајтаревиќ од Босна и Херцеговина, која има посебна техника на пеење, од стомак. Таа настапува со кукла и пее уште еден вокал во песната што го претставува како да е на куклата.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов