„МЕМОРИЈА“ ИЗДАДЕ ТРОЕН АЛБУМ ВО ЖИВО ОД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Групата „Меморија“ издаде троен албум во живо, снимка од концертот кој се одржа во ноември во арената „Борис Трајковски“. Албумот е во двоен формат, плоча и цеде.

„Кога е плочата во прашање, се работи за вистински уникат каков што во Македонија досега не е објавен. Албумот ‘Меморија 2024 во живо’ е сместен на три плочи и има 21 песна поради просторот, а на двојното цеде се 25 песни од целиот концерт и на него се вклучени и песните изведени од специјалните гости на концертот“, велат од „Меморија“.

Музички продуценти на албумот се Мите Димовски и Давор Јордановски, а тон мајстор е Евгениј Каревски. Извршни продуценти се Бошко Мангаровски и Христина Георгиевска, која е авторка на графичкото решение.

Албумот е произведен во „ДДАЦ Сони“ во Австрија, во издание на „КЛС продукција“. Печатен е во лимитиран број на примероци и речиси целиот тираж е веќе распродаден.

„Меморија“ доби награда за најдобра рок група на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, а концертот беше награден за рок концерт на годината. На концертот и на настапот на „Златна бубамара“ гостуваше Филип Николовски од Прилеп, лице со посебни потреби, кој е гостин во песната „Само на добро нека е“. „Меморија“ му ги посвети наградите на него.

Фото: Ѓ. Личовски