Под мотото „Месец на Пучини“, Националната опера и балет ќе го посвети овој ноември на италијанскиот композитор Џакомо Пучини, одбележувајќи 100 години од смртта на оперскиот мајстор.
Денеска (8 ноември) со почеток во 20 часот ќе се изведе операта „Боеми“ од Пучини. Настапуваат солистите Доменико Менини од Италија, Анастасија Дорошенко од Германија, Горан Начевски, Драган Ампов, Владимир Саздовски, Катерина Стојановска, Невен Силјановски, Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Александар Никодиновски, Тихомир Јакимовски и Ема Гиновска, во придружба на хорот и оркестарот на НОБ.
Ќе диригира гостинот од Италија, Маурицио Коласанти, а режисер е Дејан Прошев. Сценограф е Зоран Николовски, костимограф Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
„Боеми“ e опера во четири чина, чие дејство се одвива во Париз.
Фото: Горан Начевски и Ѓорѓи Цуцковски како Марчело и Родолфо во „Боеми“ на свеченото отворање на 46. Мајски оперски вечери во 2018 (Фото: Ѓ. Личовски)