Најголемите хитови на Макфест ќе се испеат на последната вечер од јубулејното издание на фестивалот, кој ќе се одржи на 23, 24 и 25 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.
„Макфест четири децении е успешна приказна која годинава се враќа со три фестивалски вечери“, рече уметничкиот директор Роберт Саздов на прес-конференција во Штип.
На првата фестивалска вечер ќе настапат 13 млади пејачи, а на втората ќе има 14 песни од попознати пејачи.
Членот на уметничкиот совет на Макфест, Јован Јованов, кажа дека оваа година ќе има над 40 пејачи и песни за повеќе возрасти и во разни стилови.
„Првата и втората фестивалска вечер ќе имаме повеќе музички жанрови, ќе има песни во брз ритам, балади и шлагери. За третата вечер поканивме пејачи буквално од секоја декада и гледавме да ги опфатиме пејачите од 1990-тите кои не ги гледаме често во медиумите, но ќе има и пејачи од 1980-тите, како што е штипјанецот Трајче Манев“, вели Јованов, кој најави дека годинава на сцената ќе има најголем екран.
Техничкиот директор на фестивалот Александар Арсовски, како претставник на Општина Штип, кажа дека градот целосно е подготвен да го одржи јубилејното 40. издание на Макфест.
На прес-конференцијата беа и младите пејачи Лара Иванова и Пајак, кои за песната „Бела“ во 2023 ја добија наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала. Беа и Зоран Илиев, кој како дебитант победи во 2011 со песната „Ангели и демони“ и Никола Јанков-Коки, кој заедно со Душан Љубисављевиќ-Дуле во 1996 победи со „Виолина и гитара“ како дуото Дуле и Коки.
Водителката на прес-конференцијата, новинарката Весна Миленковска, рече дека и оваа година ќе има директен пренос од сите три вечери на МТВ. И годинава нема да има награди за прво, второ и трето место, а ќе се награди само најслушаната песна меѓу двата фестивала. Водители ќе бидат Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски.
Т. ЈОВАНОВСКИ
Фото: Новинарката Весна Миленковска, уметничкиот директор на Макфест Роберт Саздов, техничкиот директор Александар Арсовски и Јован Јованов, кој е член на уметничкиот совет