Влатко Стефановски го сними новиот авторски албум „Мускулна меморија“ (Muscle Memory), кој ќе биде во продажба од 20 март како цеде и дигитално издание. За љубителите на винили, „Кроација рекордс“, матичната дискографска куќа на гитарскиот виртуоз, подготвува и плоча.
„Новиот студиски албум има девет нови песни, кои стилски се движат помеѓу прогресивен рок и фјужн, со препознатливите виртуозност и емотивна изразност, што со децении го обележуваат неговото творештво“, велат од „Кроација рекордс“.
Оттаму додаваат дека на албумот има четири инструментални композиции и пет песни со текст.
„Покрај неверојатните гитарски солажи на Влатко Стефановски и неговото карактеристично чувство за мелодија, песните како ‘Модерни времиња’, насловната ‘Мускулна меморија’, ‘Ми недостасуваш’, ‘Срце скршено’ и други звучат продукциски и изведбено на светско ниво. Албумот е уште еден доказ за она кон што Влатко Стефановски се стреми во текот на целиот свој уметнички пат: постојано истражување, поместување на сопствените граници и создавање уникатен музички израз“, рекоа од „Кроација рекордс“.

Познати инструменталисти се гости на албумот: Звјездан Ружиќ на мелотрон, Дамир Имери на клавијатури, Горан Папаз на саксофон, како и постојаните членови на неговото трио Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас гитара.
Овој албум излегува набрзо по неговиот инструментален албум „Гитарата пее“ (Guitar Sings), на кој гитарскиот виртуоз на посебен начин ги изведе најголемите хитови на Ѓорѓе Новковиќ во соработка со Лондонскиот симфониски оркестар.