Три локации, четири настапи, вечерашната програма на 17. издание на Оффест ќе биде една од најнабиените досега.

Третата вечер ја отвора италијанскиот колектив „Офичина Зое“ во 20 часот во кино Фросина, кој веќе 25 години го запознава светот со традиционалната музика од регионот Саленто, во јужна Италија.

„Еден од најзначајните културни изрази на регионот се народните танц и музика ‘пицика‘ и ‘Офичина Зое‘ се меѓу главните нејзини чувари“, се вели во најавата на концертот.

Петчлената група „Ифрикија електрик“ ќе настапи во Денсинг салата на Младински културен центар од 21.30 часот, за да ја промовира Банга, древна музичка традиција карактеристична за јужниот дел на пустината во Тунис.

„Тоа е ритуал со кој се повикуваат духовите да влезат во телото и умот“, појаснуваат организаторите на Оффест.

По нив, од 23 часот, на сцената ќе излезе новата турска музичка ѕвезда Гаје Су Акјол.

„Мојот стил наликува на старото турско пеење, но мојата музика е и нешто ново во Турција, бидејќи е мешавина на многу стилови“, вели Акјол.

Вечерта ќе финишира по полноќ во клубот „Епицентар“, кадешто ќе настапи белгискиот диџеј Мукамбо.