Ризницата со песни за Битола како најопеан град на Балканот е збогатена со нови инструментални композиции создадени и отсвирени од едни од најдобрите македонски инструменталисти кои живеат во и надвор од државата. Новите композиции првпат беа изведени синоќа (5 август) на концертот „Боите на Македонија“ (Colors of Macedoina), што се одржа на платото пред Офицерскиот дом, во организација на Културно-информативниот центар (КИЦ) Битола во рамките на Битфест.
Спектакуларен концерт приредија Оливер Јосифовски – етаблиран контрабасист и композитор и основач на бендот „Љубојна“, Исмаил Лумановски – виртуоз на кларинет кој живее во САД, Алек Секуловски – иноватор, професор и специјалист по тапани кој живее и работи во Торонто, Давор Јордановски – композитор и клавијатурист кој исто така живее и работи низ целиот свет, Александар Петров – перкусионист кој настапува моментално во Дубаи, Филип Динев – гитарист кој живее и работи во Хамбург, Вера Милошевска – пејачка на „Љубојна“ и други музичари. Поголемиот дел од учесниците беа по потекло од Битола.
Концертот започна со композицијата „11 ружи“, творба на Лумановски, кој рече дека ја напишал за сопругата Ѓулчин, што во превод значи ружа и дека таа е тука со него да го поддржи на концертот во неговата родна Битола. Потоа следуваа други композиции, како „Види“ на Оливер Јосифовски, посветена на феноментот на Широк Сокак едни да пијат кафе, а други да парадираат за да бидат видени и „60 000 јајца“ зашто се верува дека толку биле ставени во малтерот за Саат-кулата.
Етнологот Владимир Деловски, кој даде воведен збор на концертот, рече дека настанот не случајно почнува од Битола, повикувајќи се на Џорџ Вард Прејс, дописник за Првата светска војна директно од фронтот на сојузничките сили на Балканот, кој во книгата „Сказни за солунската армија“ напишал дека од сите македонски градови, можеш да се вљубиш само во Битола. Тој раскажал и анегдота за преименувањето на хотел во Битола во зависност од силите кои биле во градот, за на крај газдата да го нарече „Европа“.
„Во Битола имаше еден хотел за чија судбина имав вистинско сочувство. Во 1916 видов како само е нашлакано со свежа вар местото каде што чекаш да го видиш името на хотелот. Го прашав сопственикот како се вика хотелот, а тој рече уште нема име. Следното утре се појави неговото името ‘Европа’. Тогаш ја дознав судбинската историја за името. Кога Србите ја зазеле Битола од Турците, сопственикот се потрудил да ја привлече наклонетоста на власта, именувајќи го ‘Нова Србија’. Три години подоцна, Бугарите им го одзеле градот и хотелот станал ‘Нова Бугарија’. По 12 месеци, Србите пак ја зазеле Битола и знакот ‘Нова Бугарија’ бил тргнат. Така сопственикот рече дека се откажал да оди во чекор со ваквите постојани промени на владетелите на градот и ставил име ‘Европа’, а со тоа ги покачи и цените на собите за две франци во однос на другите хотели во градот“ рече Деловски, повикувајќи се на записите на Вард Прајс.
Проектот „Боите на Македонија“ треба да добие и аудиозапис, а според информациите на прес-конференцијата, во горниот дел од Офицерскиот дом треба да се отвори соба посветена на песните за Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
Фото: СМАРТ СДК.МК