НА КРАЈОТ ОД ЛЕТОТО ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ СНИМА ФИЛМ ЗА МИШО КОВАЧ

Загреб, (Индекс)

На филм ќе се раскажува приказната за хрватската музичка легенда Мишао Ковач. Се подготвува долгометражен филм за еден од најпопуларните пејачи во Хрватската и поранешна Југославија.

Филмот со работен наслов „Мишо“ ќе биде првиот биографски проект од ваков тип за пејач чии песни одбележаа генерации и чија животна приказна ги надминува границите на забавната индустрија.

Филмската екипа засега не сака да открие кој ќе го игра Ковач. Како што објави „Индекс“, преговорите со актерите се во тек, ќе играат неколкумина, бидејќи филмот ќе го следи пејачот од детството до денес.

„Преговорите се во тек, сè уште ништо не е решено, но можам да ви откријам дека еден од оние што ќе го играат Мишо би можел да биде Горан Богдан, за кого ова може да биде една од животните улоги“, вели извор за „Индекс“.

Сценариото за филмот кој би требало да почне да се снима на крајот од летото е на писателката Милана Влаовиќ- Ковачек, која две години е посветена на истражување на богатата биографија и дискографија на Мишо Ковач преку интервјуа со него лично, неговото семејство и неговите најблиски соработници. Во работата на сценариото ѝ се придружи наградуваниот босански режисер Пјер Жалица.

„Мишо е херој на нашето време кој заслужува своја филмска приказна, неговиот живот е емотивна и величествена сага на победа и пораз, но никогаш на откажување“, рече Милана Влаовиќ -Ковачек и додаде дека е почестена што ѝ е дадена можност да го напише ова сценарио.

Филмот ќе го режира Винко Брешан.

„Одговорноста е огромна, но можноста е единствена“,  рече Брешан, додека Мишо Ковач накратко рече:

„Знам што правеше Брешан во животот и тоа го почитувам“, кажа пејачот.

 

Фото: Кропикс