НАД 700.000 ПРЕГЛЕДИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ПЕСНА ЗА ДЕТСКИОТ ЕВРОСОНГ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската песна за Детскиот Евросонг веќе има над 700.000 прегледи на Јутјуб. Од тимот што го подготвува настапот на македонските претставници велат дека песната се наоѓа на трендинг листите.

Детскиот Евросонг ќе се одржи на 19 декември 2021 г. во Париз, Франција.

Песната која ја претставува нашата држава ќе биде изведена од групата „Грин Форсис“ од „Дајте музика“ и посветена е на климатските промени. Музиката  ja напиша Роберт Билбилов, а текстот е на Робин Зимбаков. Видеоспотот е на „Вертиго вижуалс“, во продукција на „Рифенштал“.

Во најновото видео постирано на социјалните мрежи, децата од „Дајте музика“ му се заблагодарија на организаторот на Детскиот Евросонг за можноста за здружување на гласовите против четирите најгорливи теми што ја засегаат токму оваа генерација: врсничкото насилство, загадувањето, климатските промени и глобалното затоплување воопшто.

„Ние не можеме да ги решиме проблемите со загадувањето, но секој од нас може да направи огромна разлика! Потребни сме ѝ на нашата планета“, велат изведувачите Анастасија, Филип, Кики и Миха во нивниот блог за песната.