80-ГОДИШНИОТ БОБ ДИЛАН ИЗЛОЖУВА НАД 180 ДЕЛА ВО МАЈАМИ

Мајами, (АП)

Боб Дилан споделува приказни низ песните веќе 60 години. Но, музичарот и поет исто така доловува моменти преку нов циклус на ликовни дела, кои исто како и неговите песни, се интимни со доза на мистерија.

Најголемата изложба на нобеловецот за литература досега поставена во САД ќе се отвори во вторник во музејот „Патриција и Филип Фрост“ во Мајами. Четириесет нови слики од 80-годишниот музичар ќе се изложат за првпат пред јавноста.

Фото: АП

Изложбата со над 180 дела во акрилна техника, водени бои, цртежи и скулптури од железо ќе трае до 17 април. Насловена е „Ретроспектрум“ и содржи дела на Дилан од 1960-ите, негови дела од приватни колекции низ светот, но повеќето се од изминативе 15 години.

„Беше препознат на секој можен начин, како писател, композитор, пејач, изведувач, a сега публиката го гледа и последниот елемент. Дилан може да се изрази на многу начини“, вели Шаи Бајтел од Музејот во Шангај, кој исто така има организирано изложби на легендарниот музичар.