Националниот џез оркестар ќе настапи на фестивалот Сплитско лето денеска (30 јули), на плоштадот Перистил, во организација на Хрватскиот народен театар.
„Овој концерт ја отвора новата сезона на интернационални гостувања, со кои оркестарот ја зацврстува својата позиција на меѓународната музичка сцена“, велат од НЏО.
За публиката во Сплит е подготвена уникатна програма што го поврзува современиот џез со традиционалното португалско фадо. Ќе гостува португалската пејачка Марија Мендеш (фото), со која НЏО имаше концерт и во Скопје. Диригент е Владимир Николов.
„Соработката на Националниот џез оркестар со Марија Мендеш започна со незаборавниот концерт во Скопје во март оваа година. Вечер што нежно допре до публиката, благодарејќи на внимателната и чувствителна изведба која создаде посебна атмосфера“, велат од оркестарот.