„НЕКСТ ТАЈМ“ ГО НАЈАВИ КОНЦЕРТОТ ВО НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дуото „Некст тајм“ десет месеци порано го најави својот концерт во Скопје, кој ќе се одржи на 27 ноември во салата „Борис Трајковски“. Организатор е продукцијата „Прагма“.

„Со гордост ви го најавуваме нашиот концерт во Скопје, на 27 ноември во арената ‘Борис Трајковски’. Ова е вечер за сите генерации. За сите ‘некогаш’ и сите ‘сега’. За љубовта кон музиката. И за љубовта кон македонската песна“, велат близнаците Стефан и Мартин Филиповски.

Ова ќе биде нивни прв солистички концерт во оваа сала, откако во 2022 ја наполнија салата „Јане Сандански“.

На крајот на 2025, „Некст тајм“ го објави својот најнов проект „Македониум“, снимен во истоимениот споменик во Крушево, каде што гитаристот Мартин и пејачот Стефан Филиповски ги снимија своите најголеми хитови и преработки на македонски традиционални песни. Со нив свират и Владимир Крстев на виолина и Николче Мицевски на клавијатури.

„Некст тајм“ се формираше на почетокот на 2008 како поп-рок дуо и брзо стана многу популарно. Со песната „Нешто што ќе остане“, дуото ја претставуваше Македонија на Евровизија во 2009 во Москва. Имаат снимено три албуми, два со авторски песни и еден со преработки на македонски традиционални песни.

Билетите за скопскиот концерт се продаваат преку мрежата на Купи карта.