„Некст тајм“ и „2Бона“ ќе бидат гости на концертот на Слаткаристика и Тони Зен, кој ќе се одржи на 11 октомври во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, објави продукцијата „Прагма“.
Концертот е насловен „Спушти се доле“, според дуетот што Слаткар и Тони Зен го објавија во 2009. Синглот „Еуфорија“, кој излезе во февруари, го снимија како најава за концертот, а претходно излезе уште еден нивни дует, „Жими сè“.
Концертот ќе биде прослава на 18-годишната соработка на двајцата рапери. Пред 18 години, Тони Зен и Слаткар го започнаа проектот „Хип-хоп револуција“ и имаат снимено повеќе од 10 заеднички песни. Во август 2024, по повеќе од 14 години пауза, го снимија дуетот „Милион лета“.
Билетите се продаваат преку мрежата на „Купи карта“.
Фото: Слаткар и „Некст тајм“ на „Златна бубамара на популарноста“ во 2024