Новиот албум на „Ролинг стоунс“, насловен „Hackney Diamonds“, ќе излезе на 20 октомври, објавија Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд на ексклузивен настан со американскиот водител Џими Фалон, емитуван на Јутјуб од лондонската населба Хекни. Албумот содржи 12 песни, а беше најавен со синглот „Angry“.
Тоа е првото студиско издание на групата по смртта на долгогодишниот тапанар Чарли Вотс во 2021, чие свирење, сепак, ќе може да се чуе на две песни.
„Албумот содржи 12 песни. Повеќето се со Стив Џордан на тапани, но две се со Чарли, снимени во 2019“, кажа Џегер.
Потврдено е дека на албумот гостува Лејди Гага, но се шпекулира дека се појавуваат и Пол Макартни и Стиви Вондер.
„Албумот го снимивме доста брзо. Имавме многу идеи, се собравме пред Божиќ минатата година и го направивме“, кажа Вуд.
„Hackney Diamonds“ следува 18 години по последниот албум на „Стоунс“ со оригинални песни, а во меѓувреме, во 2016 излезе албумот со блуз обработки „Blue & Lonesome“.
(Фото: ПА)