„Ковчег со злато“ е новата балада на кантавторот Дарио, за која вели дека ја напишал за вистинските човечки вредности. Тој е автор на музиката и текстот, а Кристијан Габровски, неговиот постојан соработник, е аранжер. Спотот е сниман во околината на Скопје, во режија на Александар Ристовски-Принц.
„‘Ковчег со злато’ е сентиментална и елегична балада која и со текстот и со музиката го персонифицира денешното наше живеење. Ги воспева вистинските длабоки животни и човечки вредности и вистинското богатство во животот на еден човек, наспроти глобално наметнатата бескрупулозна и бескрајна трка по пари и уште повеќе пари, како и нереалната илузија по вечна физичка младост и сето тоа ама баш по секоја цена. Песната раскажува приказна за изгубениот баланс помеѓу љубовта и егоизмот, спокојот и немирот, нормалноста и незаситноста, сонот и реалноста“, ни рече Дарио.

И претходните синглови кои ги напиша имаат порака и инспирација од денешниот начин на живеење.
„Денес е сѐ потешко да се биде вистински среќен. Затоа треба да се пронајде каква било наизглед небитна, ситна, мала работа која ве прави среќни и да ја негувате и да уживате во многу такви ситници. Во овој случај, тоа е љубовта“, рече кантавторот во јуни, кога ја промовираше песната „Мојата драга“.
Дарио доби награда за трајни музички вредности на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која се одржа во февруари во Скопје.
„Драго ми е што ја добив наградата за трајни музички вредности затоа што планирам уште долго да траам. Да беше за животно дело, тоа значи пензионирање“, ни рече Дарио тогаш и додаде дека има инспирација за многу нови песни што понекогаш го буди од сон.
„Ковчег со злато“ е најава за неговиот нов албум, кој треба да излезе наскоро.
М. ЏАРОВСКА