Вечерва од 20 часот, во Камерната сала на Филхармонијата пијанистот Дино Имери ќе одржи концерт насловен „Зимска бајка“.

Концертот го организира „Баги комуникации“ по повод претстојните празнични денови, а симболично ќе започне со делото „Декември“ од Петар Илич Чајковски. Потоа ќе бидат изведени фрагменти од „Оревокршачка“, делото на Сергеј Рахмањинов „Прелудиум во Г-мол“, „Унгарска рапсодија бр. 2“ од Франц Лист, „Трич-Трач полка“ од Јохан Штраус Помладиот и „Ла Валс“ од Морис Равел.

„Искрено верувам дека генијалната музика на големите автори што ќе биде дел од програмата ќе ги стопли срцата на сите присутни и барем за миг заедно ќе ги пронајдеме магијата и мистеријата на зимата. Со радост и нетрпение ја очекувам средбата со мојата домашна публика, пред настапите во неколку европски престолнини“, вели Имери.

Дино Имери (29 години) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Пред една година стана доцент и предава повеќе предмети на Факултетот за музичка уметност во Скопје.