Еден од музичките настани кој ја одбележа 2025 во Македонија е концертот на шпанската оперската ѕвезда Пласидо Доминго, кој се одржа на 14 март во 2025 во Скопје во салата „Борис Трајковски“. 84-годишниот тенор и диригент, заедно со сопранот Марија Жозе Сири (Уругвај/Италија) и Оркестарот и Хорот на Националната опера и балет (НОБ) под диригенство на Марчело Рота, одржаа дваиполчасовен концерт со кој ја оставија публиката без зборови. Славниот австралиски музичар Ник Кејв ја освои македонската публика со емоции, без патетика, со енергијата, страста, емоциите, со спојот на поезија и рокенрол на концертот 22 август на Стадионот на АРМ во Градскиот парк.
2025 беше богата концертна година во Македонија, со концерти на искусни и помлади музичари од Македонија и од странство.

Оние кои ја испочитуваа забраната за снимање и сликање на концертот на Брајан Адамс на 27 април во Скопје, вистински уживаа во шоуто на легендарниот канадски музичар.
Длабоко политички ангажиран концерт одржа „Масив атак“ на 28 јуни) на Стадионот на АРМ во Градски парк во рамките на „Скопје колинг“.
Здравко Чолиќ распродаде три сали („Борис Трајковски“) во јуни со симфониски оркестар, составен од 50 музичари од Биг бендот од Нови Сад и од оркестарот на Операта на Српскиот народен театар од Нови Сад. Новите аранжмани на неговите хитови прилагодени за оркестар ги подготви диригентот Федор Вртачник.
Три сали продаде и триото К-15 кои имаа шоуа во мај по повод 30 години од постоењето, со голем оркестар со кој диригираше Џијан Емин, а режисер на шоуто беше Синиша Ефтимов.
На 31 мај, Скопје беше дел од 50-те градови во кои „Бијело Дугме“ прослави 50 години постоење, со турнеја која ја почна во Сараево. Бендот беше пречекан и испратен со југословенски знамиња меѓу фановите.
Калиопи распродаде четири акустични концерти во Филхармонијата, за кои многумина рекоа дека се нејзините најдобри досега.

Шеснаесет музичари кои свиреле во групата „Меморија“ до 1983 до денес, настапија на концертот кој на 25 декември се одржа во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Весел новогодишен концерт со одлични вокални и оркестарски аранжмани одржаа Сара Мејс, Калина Велковска, Ана Петановска и Теа Богатинова на 29 декември во Филхармонијата.
Рап дуото „2Бона“ одржа концерт во Скопје на 26 декември, во полната сала „Јане Сандански“.
Пејачката Зарина Првасевда го одржа нејзиниот концерт „Кадифено“на 20 декември во Филхармонијата.
Пијанистот со светска кариера Симон Трпчески одржа Новогодишен концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје на 20 декември. Во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ), ансамблот „Македонисимо“ и повеќе гости, тој свиреше музика од Латинска Америка и новогодишни теми.
Култниот македонски музичар Горан Таневски прослави 40 години кариера со концерт во Младински културен центар во Скопје на 20 декември.
Два новогодишни концерта „Виена во Битола“ во изведба на „Битолски оркестар Дива“ се одржаа во Центарот за култура во Битола.
Бојана Скендеровски го одржа првиот солистички концерт на 13 декември во Филхармонијата во Скопје со неколку гости.
Рап дуото „Пука козметика“ прослави 30 години со концерт и документарен филм на 13 декември во Младински културен центар (МКЦ).
Фантастичен концерт насловен „Рокенрол во џез“, на кој на крајот публиката беше на нозе, одржа Националниот џез оркестар вчера на 8 декември во Филхармонијата. Тројца легендарни музичари во една вечер беше полн погодок: Рамбо Амадеус, Дарко Рундек и Влатко Стефановски.
Романтичен концерт со свеќи на сцената одржа камерниот оркестар „Профундис“ на 29 ноември во Филхармонијата со познатиот српски виолончелист Петар Пејчиќ како солист. Диригираше маестра Ѓурѓица Дашиќ.
На истиот ден, познатата сараевска група „Црвена јабука“ ја наполни салата „Борис Трајковски“ на концертот со кој прослави 40 години постоење.
Гласот од хит-филмот „Петтиот елемент“, познатата албанска оперска пејачка Инва Мула, одржа одличен концерт на 28 ноември во Националната опера и балет.
Оригинален концерт наречен „Цветна симфонија“ одржа „Битолски оркестар Дива“ на 30 ноември во Филхармонијата, по кој заслужено трипати беше вратен на бис.
Емотивен рокенрол концерт со најубавите песни што ги оставил Влада Дивљан се одржа на 17 ноември во Филхармонијата. Свиреа музичари кои растеле заедно со белградскиот рокер од бендот „Невладина организација на Влада Дивљан“, составен од некогашни членови на „Идоли“ и нови, помлади музичари.
На 16 и на 17 декември во Националната опера и балет новогодишен концерт одржаа оперските пејачи Ана и Игор Дурловски, со кој ќе прославија 25 години кариера.
Емотивен концерт насловен „Летај галебе“ во чест на легендарниот композитор Кире Костов со повеќе пејачи кои ги испејаа неговите хитови се одржа на 11 ноември во Националната опера и балет. Пејачите ги придружуваше оркестар со кој диригираше Сашо Татарчевски и во две песни големиот пријател на Кире Костов, Љупчо Мирковски.
Култниот албум на „Ареа“, „Врати на имагинација“, звучи подобро и позрело 25 години потоа. Гостиварскиот рок бенд со концерт во салата „Јане Сандански“ на 8 ноември прослави 25 години од познатиот концерт на Скопски саем во 2000.

Со весел концерт во Националната опера и балет на кој на крајот целата публика танцуваше, „Тумбао салса бенд“ прослави 20 години од постоењето.
Битолската група „Фолтин“ одржa концерт во Скопје на 22 ноември, во Филхармонијата со кој прослави 30 години.
На 18 октомври во Народниот театар во Штип се одржa меморијален концерт посветен на музичарот Филип Стевановски, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март.
Слаткаристика и Тони Зен ја продолжија хип-хоп револуцијата која ја започна пред 18 години, со нивниот најдобар концерт досега на 11 октомври во Арената „Борис Трајковски“.
Женската група „Фрајле“ од Нови Сад одржа два концерта во Скопје, на 18 октомври и на 16 ноември во Филхармонијата,
Фолк- пејачот Миле Кузмановски 24 декември одржа концерт во Националната опера и балет со кој прослави 35 години кариера, во придружба на „Битолски оркестар Дива“.
Пејачот Крсте Роџевски одржа концерт со виолончелистата Томика Рид во Скопје, на 13 септември во Филхармонијата. Специјални гостинки беа Дина Јашари и Вера Милошевска-Јосифовска од „Љубојна“.
Воениот оркестар на АРМ го одржа традиционалниот предновогодишен концерт под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“. На концертот гостуваа музичари од Централниот оркестар на вооружените сили на Романија.
Публиката на Охридско лето на 10 август пулсираше во духот на афробит ритамот, на концертот на Националниот џез оркестар и познатиот нигериски музичар, текстописец, пејач и саксофонист Шеон Кути, под диригентство на Џијан Емин.
Израелската пејачка Јасмин Леви одржа концерт во Скопје, на 17 октомври во Филхармонијата.
Владо Јаневски ѝ посвети песна на Сара Пројковска, професорка по пијано и придружен вокал која загина во пожарот на 16 март во кочанската дискотека „Пулс“, на неговиот концерт на 8 август во Античкиот театар во Охрид.
Концерти на истата сцена одржаа и српската пејачка Јелена Томашевиќ и српската група „Галија“, како и македонското дуо „Силви бенд“ кои прославија 35-годишен јубилеј. На истата сцена пееше и хрватската поп-ѕвезда Јелена Розга.
Црногорскиот поп-пејач Сергеј Ќетковиќ одржа два концерта во Филхармонијата во Скопје во јуни, и еден во август во Античкиот театар. Неговиот колега од Црна Гора, Владо Георгиев одржа концерт на Хералеја во Битола на 16 август.
Американската аренби ѕвезда Џејсон Деруло приреди светско шоу на 2 август во Охрид, на стадионот „Билјанини извори“.
Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“ на 19 јули го наполнија Античкиот театар во Охрид. Актерот за првпат го донесе својот блуз на овој простор, а во Охрид со бенд одржа концерт по 27 години.
Најубавите македонски народни песни, ги испеа Андријана Јаневска со „Митан проект“, на 7 јули на летната сцена „Долни Сарај“ во Охрид,
Момчило Бајагиќ-Бајага одржа концерт на Ракометното игралиште во Битола на 27 јули. Музичка еуфорија приреди кралот на електронската и транс музика Армин ван Бурен на настапот на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола на 3 август.
Цела публика беше на нозе кога Влатко Стефановски ја свиреше „Јовано, Јованке“, една од гитарските преработки на македонска народна песна кои ја одбележаа неговата кариера. Легендарниот гитарист со фантастичен концерт сношти во Филхармонијата прослави 50-годишен јубилеј, а одржа уште еден, ден претходно.
На 28 јуни во Малата сала на Филхармонијата се одржа концертот „Јапонско срце бие во македонски ритам“. Настапи јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу со македонски народни и младата сопранистка Елена Васова.
Главно женска публика се забавуваше на концертот на кантавторот Матео Бочели, синот на легендарниот италијански тенор Андреа Бочели, кој настапи на 15 јуни во Филхармонијата.
Фантастичен концерт одржа Кирил Џајковски на 15 јуни во Националната опера и балет (НОБ), со кој прослави 25 години правење филмска музика.
Филмовите на „Дизни“ нѐ учат дека сѐ во животот поминува полесно и подобро кога имаш некој до себе, пријател, другар, рекоа учесниците на традиционалниот концерт на Филхармонијата на отворено на 13 јуни во Градскиот парк во Скопје.
Млади и искусни пејачи пееја на концертот „Ѕвездена симфонија“ со Ем-Ти-Ви хитови кој беше шоу на светско ниво, а го одржа „Битолскиот оркестар Дива“ на 20 мај во Скопје, во салата „Борис Трајковски“.
Тамара Тодевска одржа хуманитарен концерт на 8 мај во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Парите од продадените влезници таа го донираше за настраданите во пожарот во Кочани на 16 март.
Нина Бадриќ ја испеа нејзината верзија на песната „Не кажувај либе добра ноќ“ на двата концерта во Филхармонијата во Скопје во октомври и во април.
Битолскиот рокенрол бенд „Паркети“ одржа концерт во Младински културен центар во Скопје на 26 април.
Седмиот традиционален концерт посветен на Тоше Проески „Засекогаш во срцата“ се одржа на 5 април од 20 часот, со „Битолски оркестар Дива“.
Цела сала ја следеше во ритам Италијанката Маргарита Абита, додека на 28 февруари на концертот на „Барселона џипси Балкан оркестар“ во Филхармонијата ја пееше „Море сокол пие“.
На 27 февруари од 20 часот, „Битолски оркестар Дива“ одржа концерт со најубавите битолски песни во Центарот за култура во Битола.
Осуммина пејачи ги пееја најголемите хитови од холивудските филмови кои биле номинирани за Оскар или го добиле на концертот „Оскаровска гала вечер“, што се одржа на 22 февруари во Македонскиот народен театар (МНТ).
Дуке Бојаџиев одржа концерт во Филхармонијата на 7 февруари со музичкиот проект „Кинематика“ со неговата филмска музика.
Народната песна „Елено ќерко“ Раде Шербеџија ѝ ја посвети на Фросина Кулакова, девојката од Неготино која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин во Скопје и на нејзиното семејство на концертот на 1 февруари, во Филхармонијата.
Поп-пејачот Јоце Панов го одржа својот прв солистички концерт во Скопје на 8 март, Меѓународниот ден на жените, а истиот дел осмомартовски концерт одржа и поп-пејачката Јелена Томашевиќ.
Во скопје свои шоуа имаа познатиот грчки диџеј Арги, турскиот Махмут Орхан, а во Охрид во август гостуваше и францускиот диџеј Хугел.
„Звук што трае“ беше насловен роденденскиот концерт на Филхармонијата кој се одржа на 27 ноември. Оркестарот на на Филхармонијата имаше богата концертна година.
Филхармонија на 28 октомври одржа концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“, дом на Виенската филхармонија и место каде што секој 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот.
М. ЏАРОВСКА