ДИНА ЈАШАРИ И ТОНИ ЗЕН СО КОНЦЕРТ НА ОТВОРЕНО ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

​Дина Јашари ќе одржи концерт утре, (15 април), од 18 часот на улица „Македонија“ во Скопје. Настапот е дел од четвртото издание на манифестацијата „Центарски улици“, организирана по повод Светскиот ден на уметноста.

Фестивалот започнува во 12 часот со диџеј сет на Папак Басс и ликовна колонија, а во текот на денот следуваат улични перформанси и шоу настапи на Фаз Бабл, Кристијан Бенито и Ѓурчиновски.
По Дина Јашари, по што следуваат диџеј сетот на Бугимен и концертот на Тони Зен и неговиот бенд.

​Публиката ќе има ретка можност во живо на отворено да ги слушне песните од нејзиниот албум „Растенија без корен“.

Во изборот на регионалниот музички портал „Рокомотива“, албумот се најде во топ-5 албуми за 2025. На него има девет песни создадени во последните три години, а Дина Јашари вели дека е нејзин интимен и искрен музички дневник. Албумот жанровски се движи помеѓу поп, нео-соул и џез.

Таа е добитничка на музичката награда „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“, а зад себе има настапи на значајни европски фестивали, како „Мент“ во Љубљана, „Егзит“ во Нови Сад и „Евросоник“ во Гронинген. Лани го отвори концертот на култната британска група „Масив атак“ во Скопје.

Настанот во Скопје го организира Општина Центар, а младата канатвторка ќе настапи со својот квартет: Лука Тошев на гитара, Андреа Мирческа на бас гитара и Драган Теодосиев на тапани.

Тони Зен (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Со песната „Легендата“ Тони Зен на крајот од 2025 најави два албуа кои ќе излезат годинава, а со нив раперот ќе прослави 21 година на сцената. Текстот за новиот сингл е на Тони Зен, музичката продукција на Иван Костадинов (Смоук панда), а видео продукцијата на Владислав Гавриловски.

„Со оваа песна најавувам нов албум со кој ќе се слави 21 година постоење. Поточно, ќе излезат два албума на плоча, со две стихозбирки. Едниот албум е од 2019, а другиот, или новиот, ги содржи песните издадени во последниве три години и плус 4 нови, досега неиздадени, сето тоа спакувано во премиум сет. Албумот од 2019 се вика ‘Од изворот на изборот’, а новиот ‘Другата страна на изборот”, вели Тони Зен.