Повеќе од единаесет векови манастирот „Свети Наум“ во Охрид претставува еден од најзначајните духовни, културни и книжевни центри во Македонија и словенскиот свет. Неговото историско и цивилизациско значење, како и улогата во развојот на словенската писменост и просветителството, се опфатени во новата публикација на охридскиот новинар Стојан Савески.
Авторот вели дека изданието е поттикнато од неколку значајни јубилеи: 1.130 години од подигањето на храмот, 1.140 години од започнувањето на просветителската дејност на Свети Наум, 315 години од поставувањето на иконостасот и престолните икони и 220 години од завршувањето на живописот.
Преку историски факти, архивски податоци и сведоштва, публикацијата го следи развојот на манастирот од неговото основање до денес, нагласувајќи го неговото исклучително значење како чувар на духовното наследство, словенската писменост и македонската културна традиција.
Во публикацијата се истакнува дека манастирот, изграден меѓу 893 и 900 година од преподобниот Свети Наум Охридски, повеќе од единаесет столетија ја негува духовната традиција и претставува симбол на македонскиот културен и верски идентитет. Како едно од најзначајните жаришта на словенската писменост, тој одиграл клучна улога во ширењето на просветителската мисија започната од светите Кирил и Методиј, а продолжена од нивните ученици Свети Климент и Свети Наум.
Особено внимание е посветено на Охридската книжевна школа, која се смета за прв словенски универзитет. Низ неа поминале повеќе од 3.500 ученици, а бројни ракописи создадени во тој период денес се чуваат во библиотеки и архиви ширум Европа.
Публикацијата ја следи и архитектонската и уметничката историја на манастирот, почнувајќи од обновите во 16. и 17. век, преку изградбата на извонредниот иконостас на локалните мајстори и престолните икони на Константин Јеромонах од 1711 година, до живописот на мајстор Трпо Зограф, кој се смета за едно од највредните остварувања на македонската црковна уметност.
С. ВРЕНЦОВСКА