ПО КОНЦЕРТИТЕ ВО БИТОЛА И ВО СТРУМИЦА ПИЈАНИСТКАТА ДАНИЦА СТОЈАНОВА ЌЕ НАСТАПИ ВО ЊУЈОРК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистката, професорка и публицистка Даница Стојанова на 5 октомври ќе одржи концерт во „Клавирхаус центарот“ во Њујорк.

„По солистичкиот концерт во Офицерскиот дом во Битола со дела од Перт, Зографски, Андреевска и Гранадос, на 19 септември настапив во мојата родна Струмица како дел од циклусот ‘Про музика‘ на Сојузот на музички уметници на Македонија“, вели Стојанова.

Таа го започна настапот со „Импровизација во Цис“ од македонскиот композитор Томислав Зографски, па следуваа неговите „Минијатури оп. 6 за пијано”, „Романтичните пиеси” од Енрике Гранадос, „Овчеполска суита“ и „Три пиеси за пијано“ од Цанев и „Единствена песна за нежноста” од Андреевска. Концертот заврши со виртуозното дело од „Гранадос“, Алегро де Кончерто, посветувајќи им ја на првата наставничка по пијано Софија Вета и основоположниците на музичкото училиште „Боро Џони“.

Фото: Приватна архива

„Ја поздравив Ирина Лазарова од таа гарнитура на музичари оптимисти од 20. век, која беше во публиката, се заблагодарив на фондацијата ‘Томислав Зографски‘, Панда Зографска, ООМУ ‘Боро Џони’, пријателите, колегите и на мојата прекрасна фамилија. Денес кога живееме во инстант време преплавено со технички алатки и социјални мрежи, на нас уметниците ни останува да го облагородиме и обоиме светот со фантазија и убава енергија. Нема поголем благослов од тоа да си уметник во овој живот. Можноста да бидеш најблиску до љубовта-музиката и истата да ја споделуваш со другите е мисија која треба да ја заслужиш. Ако јас со мојата музика допрам до макар и едно човечко срце и душа, мојата мисија е исполнета“, вели Стојанова.

Даница Стојанова одржа концерти во Битола и Струмица Фото: Приватна архива

Таа рече дека Струмица и нејзиниот културен еснаф заслужуваат ново концертно пијано и со тоа градот ќе привлече поголем број истакнати уметници од светски ранг.
Овие концерти се поддржани од Министерството за култура и туризам.

М. ЏАРОВСКА