По повеќе од 14 години, Марко Маринковиќ- Слаткаристика и Тони Зен снимија дует. Песната „Милион лета“ на 29 август беше промовирана на Јутјуб и на социјалните мрежи, а спотот го снимија во Охрид.
Ова е десетта заедничка песна на хип хоп музичарите кои се и приватно добри пријатели, а на домашната музичка сцена се појавија речиси во исто време.
„Песната излезе многу спонтано, ние имаме повеќе идеи и песни, но се одлучивме за оваа сега да излезе. Песната е ‘романтична’ мирна и певлива, што би рекле, летен хит. Ќе си најде слушатели со тек на време. Со Марко снимивме дует по 14-15 години, историјата се повторува“, ни рече Тони Зен.
Тој беше гостин на трите концерти на Слаткар во Скопје во март годинава, со кои прослави 15 години од првиот албум, „Слаткаристика будало“.
„Првата заедничка песна ни беше ‘Рап химна 2’. Уште петдуши рапуваат таму заедно со нас двајца. Тоа беше во 2004. И јас се зачудив кога се сетив дека 20 години поминале оттогаш“, вели Слаткаристика.
За време на снимањето на спотот за „Милион лета“, тој кажа дека снимаат во најбавиот град на светот, Охрид. Режисер на спотот е Крсте Шупев. Музиката на дуетската песна е на Слаткаристика, текстот заеднички го напишаа со Тони Зен, а аранжманот е на Иван Јованов- Ивајо.
М. ЏАРОВСКА