ПОКРЕНАВ ПЕТИЦИЈА ДА СЕ ВРАТИ МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОВИЗИЈА, ВЕЛИ КРИСТИЈАН ДИМОВСКИ, МАКЕДОНЕЦ КОЈ ЖИВЕЕ ВО ШВЕДСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кристијан Димовски, Македонец кој живее во Шведска, покрена петиција Македонија да се врати на Евровизија во 2026. Македонија не учествува од 2022, кога Андреа Коевска пееше во Торино. Досега, петицијата ја потпишале повеќе од 160 луѓе.

„Иницијативата потекнува од обожавателите на македонската музика, но и од музичката индустрија и композиторите кои ги контактирав и кои секоја година покажуваат интерес да ја претставуваат Македонија на Евровизија. Поголемиот број потписи дојдоа откако Лила Стојановска ја постираше петицијата на своите социјални мрежи и ѝ благодарам многу за тоа. Тоа ни докажува дека има интерес кај публиката, нормално е да очекуваме уште потписи. Покажавме дека постои интерес за македонската музика и дека тој интерес е голем. И секако, се надеваме дека МРТ ќе се врати на Евровизија во 2026, кога е јубилејното 70. издание на ова натпреварување“, ни рече Димовски.

Тој прочитал коментари дека Македонија треба да учествува на Интервизија, но не се согласува со тоа.

„Тоа бил фестивал направен како комунистички одговор на Евровизија и за неговиот успех кажува бројот на години на одржување, од 1965 до 1968, па од 1977 до 1980, во 2008 и сега во 2025. Значи, во рок од 55 години се одржала само 10 пати. Тоа доволно зборува за тоа колку бил успешен и не гледам што Македонија има заедничко со Виетнам, Колумбија, Куба, Јужна Африка и останатите, а нема заедничко со Црна Гора, Хрватска, Србија, Грција, Албанија, Словенија, Италија, Полска, Чешка и останатите. Косово и Казахстан со години чекаат да бидат повикани на Евровизија. Македонија ја има таа можност и три години по ред ја пропушта, а од извештајот на АВМУ видовме дека МРТ по долго време има одличен финансиски профит за 2024“, вели Димовски.
Тој живее во Шведска повеќе од 20 години, работи како медиумски советник и ја следи македонската евровизиска историја од 2000, кога Македонија настапи во Стокхолм со групата „ХХЛ“. За него, пласманите не се секогаш најважни.

„Секако, одлично е чувството кога ќе постигнете добри резултати, како кога Тамара Тодевска победи во гласањето на жирито во 2019 или кога Елена Ристеска беше пласирана пред големата балканска ѕвезда Северина. Или успехот на Калиопи, која по 2012 година доживеа вистински бум на својата кариера на балканските простори, иако беше и претходно позната, но учеството на Евровизија ѝ донесе нов напредок во кариерата. Но, ние сме помала земја и успешен резултат во основа е потешко да се постигне. Она што е поважно од пласманите е да ги покажеме нашите музички таленти и културно наследство, давајќи им шанса на многумина млади музичари кои чекаат во редот да излезат на светската сцена преку Евровизија. Најдобар пример за тоа се ‘Манескин‘ од Италија, кои станаа енормно популарни во целиот свет по победата во 2021“, вели Димовски.

Во врска со неубавите нешта, тој смета дека не треба да се осврнуваме на некои скандали, како тие од 2005, 2021 и 2022.

„Особено на инцидентот со знамето, што му се случи на еден од нашите претставници. Тоа ѝ се случува на секоја земја. Тоа не е нешто што треба да се истакнува или да се користи како изговор да не се влезе во натпреварот. Сакам да испратам и апел до сите музичари и изведувачи: време е Македонија да се врати. Ќе ја цитирам поранешната претседателка на Програмскиот совет на МРТ: ‘Треба да се учествува, дури и да сме последни секоја година‘“, вели Димовски.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Песната „Црно и бело“ со која Калиопи ја претставуваше Македонија на Евровизија во Баку во 2012 стана голем хит