Сергеј Ќетковиќ во придружба на Битолскиот камерен оркестар ќе одржи концерт во Охрид на 3 август во Античкиот театар. Од oркестарот велат дека ова не им е прва соработка со црногорскиот кантавтор, кој претходно има настапувано со нив во Битола.

„Ќе останам неколку дена повеќе во Охрид за да уживам и да си ги разгалам сите сетила со преубавата природа, но и со автентичната храна“, рече пејачот.
Сергеј Ќетковиќ одржа два полни концерта во Скопје на 17 и 18 јуни во Филхармонијата. На вториот му гостуваа браќата Тавитјан со хитот на Тоше Проески, „Тајно моја“.
„Дефиниција за хит не постои. Јас и не знам да оценам што е хит, а што не е. Го пишувам она што ми се допаѓа и мислам дека тоа е единствената формула за опстанок и за некаква долготрајна кариера. Јас од првиот ден гледам да го дадам својот максимум“, вели Ќетковиќ.