ПРВИОТ БАКНЕЖ НА ПЕСНИТЕ НА „ЦРВЕНА ЈАБУКА“ Е ИСТ И ВО 1986 И ВО 2025, РЕЧЕ ДРАЖЕН ЖЕРИЌ-ЖЕРА ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сараевскиот бенд „Црвена јабука“ ќе прослави 40 години кариера со концерт во Скопје на 29 ноември во салата „Борис Трајковски“ од 21 часот. Фронтменот Дражен Жериќ-Жера на прес-конференција во Скопје рече дека му е драго што во концертите еднакво ужива и помлада и повозрасна публика.

„Без оглед на овие нови трендови, тинејџерите се исти и во 1980-тите и во 2025. Јас сум старомоден човек кој верува во емоциите кои луѓето ги доживуваат на концертите. Првиот бакнеж на некоја од нашите песни е прв бакнеж и во 1986 и во 2025. Спомените кои ги имаат луѓето на нешто убаво што се случило додека ги слушаат нашите песни е ист и тогаш и сега“, рече Жериќ.

Во јуни, „Црвена јабука“ одржа концерт во салата „Олимпија“ во Париз.

„Тој концерт помина одлично, имаше и Французи кои не знаеја ништо за нашата музика и општо многу малку за Балканот. Но, еднакво се забавуваа како нашите луѓе таму“, рече Жериќ и додаде:

„Македонскиот народ го засакав кога имав 18 години затоа што е сличен со нас Босанците. Имате широко срце, сакате скара и чорба исто како мене. Јас не сум љубител на овие нови, фенси јадења“.

Жериќ се присети и на неговиот пријател Халид Бешлиќ, кој почина неодамна.

„Тажно и болно е што Халид веќе го нема. Тој беше добар за сите други освен за него, исто како Кемал Монтено. Тоа беа единствени луѓе, со широко срце и душа, какви што денес се ретки“.

Жериќ денес живее во Загреб со сопругата и ќерките, но со радост се враќа во родното Сараево, за кое рече дека за него е исто кога и да го посети. Драго му е што во Сараево имал од кого да учи. Ги спомена Здравко Чолиќ, „Бијело дугме“ и Даворин Поповиќ од „Индекси“, чии совети и денес ги памети.

„Кога работиме концерти на групи кои слават јубилеј, кои се основани уште пред да се родам, тие секако се едни од нашите најважни и посебни“, рече менаџерот Кристијан Стефановски од продукцијата „Прагма“.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов