ПРВОТО ДЕМО ШТО ГО СНИМИЛ ДЕЈВИД БОУВИ ПРОНАЈДЕНО ВО КОРПА ЗА ЛЕБ ПО 55 ГОДИНИ

Лондон, (Гардијан)

Првото демо што Дејвид Боуви го снимил кога имал само 16 години ќе биде дадено на аукција, откако било пронајдено во стара корпа за леб.

Боуви, тогаш сè уште Дејвид Џонс, пее на песната „Никогаш не сум сонувал“, што ја снимил со својот прв бенд „Конрадс“, но со неа не успеале да добијат договор со издавачката куќа „Дека“. Боуви набргу потоа ја напуштил групата поради уметнички разлики.

Бившиот тапанар на „Конрадс“ Дејвид Хедфилд ја пронашол лентата кога се селел

Лентата повторно била откриена од Дејвид Хедфилд, кој бил тапанар и менаџер на „Конрадс“, кога се селел, наоѓајќи ја во корпа за леб, што припаѓала на дедо му.

„Откако добивме покана во студио, решивме да снимиме неколку гитарски инструментали и една оригинална песна. Ја избравме ‘Никогаш не сум сонувал‘, затоа што ни се чинеше најквалитетна, другите две беа послаби. Јас, исто така, решив дека е најдобро Дејвид да пее. И така тоа стана првата песна што Дејвид Џонс ја снимил пред 55 години. Не постојат други демо снимки со Дејвид како водечки вокал. ‘Дека‘ нè одби во прв момент, но подоцна истата година ни даде уште една шанса, кога прв вокал веќе беше Дејвид Ферис“, се присети Хедфилд.

Аукцијата на којашто ќе биде понудена снимката ќе се одржи во октомври и се очекува да достигне цена од 10.000 фунти.