Роби Вилијамс ќе пее на церемонијата на отворањето на Светското фудбалско првенство во Русија в четврток, непосредно пред првиот натпревар помеѓу домашната селекција и Саудиска Арабија.
Британскиот пејач ќе биде придружуван од руската сопранистка Аида Гарифулина и од двократниот светски првак Роналдо, чија улога во настанот не е позната.
„Среќен сум и возбуден. Овој настап е остварување на мојот детски сон. Можам да ветам незаборавно шоу“, изјави Вилијамс, кој е познат како голем љубител на фудбалот.
Неговиот настап на стадионот „Лужники“ во Москва доаѓа само две години откако ја објави песната „Забавувај се како Русин“, чиј текст беше сфатен како навреда во Русија.
ФИФА објави дека церемонијата на отворањето ќе се одржи половина час пред стартот на мечот.
Иако официјалната химна на Мундијалот ја снимија Вил Смит, Ники Џем и Ера Истрефи, засега нема најави дека и тие ќе учествуваат.