РОМАНТИЧНА ВЕЧЕР СО БРИТАНСКИТЕ МУЗИЧАРИ ЛИБЕК И АПЕКИШЕВА НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

„Романсата сѐ уште не е мртва“ беше насловен концертот што се одржа синоќа (7 август) на Британската вечер на 65. издание на Охридско лето, а настапија виолинистот Џек Либек и пијанистката Катја Апекишева во црквата „Св. Софија“. Романтичната вечер започна со Соната за виолина и пијано од Франц Шуберт, а продолжи со дела од Шопен, Изаи, Менделсон и Крајслер.

За виолинистот Либек, специјализираното списание „Би-Би-Си мјузик“ напиша дека поседува „беспрекорно техничко мајсторство и прекрасен филигрански тон“.

Британската вечер на Охридско лето ја отвори амбасадорот Метју Лосон, кој кажа дека преку вакви настани се продлабочува пријателството помеѓу двете земји, се зајакнува меѓусебното разбирање и се слави креативноста што ги поврзува двата народа.

Директорката на Британскиот совет во Македонија, Клер Сирс и британскот амбасадор Метју Лосон. (Фото: Охридско лето)

„Вистинско задоволство е да се биде домаќин на Британска вечер на Охридско лето, еден од најценетите културни настани во регионот и драго ми е што заедно со Британскиот совет повторно го поддржуваме овој важен фестивал, кој ги зближува луѓето преку музика, уметност и заедничко културно наследство. Горди сме што ви претставуваме еден многу посебен гостин, меѓународно познатиот британски виолинист Џек Либек. Тој настапувал на некои од најголемите светски сцени, од Лондон до Њујорк и чест ни е што го имаме тука во Охрид“, рече Лосон.

Честитајќи го 65-годишниот јубилеј на фестивалот Охридско лето, директорката на Британскиот совет во Македонија, Клер Сирс, нагласи дека е вистинска привилегија да се биде во Охрид и да се поддржи овој фестивал.