Поп-пејачот Влатко Лозаноски-Лозано со радост се подготвува за концертот на 7 март во салата „Борис Трајковски“, за кој вели дека сценски ќе биде на високо ниво. Овој концерт доаѓа седум години по претходниот во истата сала, а Лозано за себеси вели дека оттогаш е музички посигурен, а приватно е посмирен и со појасни приоритети. Негова инспирација сега е синот Марко, кој се роди во октомври 2024.
„Овој концерт ќе биде поразличен затоа што доаѓа во поинаков период од мојот живот. Не е продолжение на претходните, туку ново поглавје. Сценски и продукциски ќе биде на високо ниво, но најголемата разлика е во емоцијата. Ќе биде поинтимен, поискрено доживеан и многу повеќе насочен кон директна врска со публиката“, ни рече пејачот.
Лозано додава дека овојпат не сака само да се слушне музиката, туку и да се почувствува.
„Музички, денес сум посигурен во тоа што го правам и знам зошто стојам зад секоја песна. Се трудам да не бркам трендови, туку чувство и трајност. Приватно сум посмирен, поприземен и со појасни приоритети. Со годините научив дека зрелоста не е во брзината, туку во трпението, во изборите што ги правиш и во начинот на кој се носиш со тишината меѓу големите моменти“, вели Лозано.
И покрај долгогодишното искуство, кај него уште постојат трема и грижа дали концертот ќе успее и дали ќе му се оствари сликата која ја има во главата.
„Колку и да имаш искуство, секој голем концерт носи одговорност и нормално е човек да се прашува дали сè ќе биде како што го замислил. Да, си правам слика во главата, од првиот тон до последниот аплауз, но со годините научив дека не можеш да контролираш сè. Во моментот кога ќе излезам на сцена и ќе ја почувствувам енергијата од публиката, грижата и тремата исчезнуваат и се претвораат во чиста емоција и фокус“, ни рече пејачот.
Вели дека 2025 за сите беше тешка година по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 луѓе, а 200 беа повредени. Лозано беше близок пријател со Владимир Блажев-Панчо и Андреј Ѓорѓиески од дуото „ДНК“. За нив вели дека секогаш ќе ги памети по човечноста и по топлината.
„2025 навистина остави трага кај сите нас. Со Панчо и Андреј ме врзуваше многу повеќе од музика. Пријателство, човечка блискост и заемна почит. Највредното нешто што ќе го паметам од нив е нивната искреност и човечност, тоа беа по гаснењето на светлата. Кога ќе се спомнат нивните имиња, прво што ми доаѓа се насмевка, топлина и чувство дека оставија силна и искрена трага, не само во музиката, туку и во луѓето кои ги допреа“, вели Лозаноски.
Многумина се изненадија кога медиумите објавија дека му се родил син, зашто, како што вели, дека тој и сопругата очкеуваат дете знаеле само најблиските.

„Сакавме тој момент да го задржиме само за нас, барем во почетокот. Не толку од суеверие, туку од потреба за мир и интимност во еден навистина посебен период. Знаеја само најблиските луѓе од семејството и кругот пријатели. Ми беше важно прво ние како семејство да го проживееме тоа чувство, па дури потоа да го споделам со јавноста“, вели пејачот, кој е по потекло од Кичево.
Неговите родители живеат во родниот град, а сестра му Марија Лозаноска, која е лекторка, наставничка по македонски јазик и писателка, е во Скопје.
