СЕ ОДРЖА 5. „МЕТАЛ ДИСЧАРЏ“ ВО БИТОЛА – ПРОМОЦИЈА НА ДОМАШНИ ТАЛЕНТИ И МНОШТВО МЛАДА ПУБЛИКА СЕ ТРИУМФ НА ФЕСТИВАЛОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Легендарни се подбивањата на скопјани дека Битола нема аеродром, но затоа Битола го има единствениот метал фестивал во Македонија.

Метал дисчарџ“ (Metal Discharge) стигна до мал јубилеј и ова петто издание беше најобемно и најамбициозно досега: првпат со две вечери, најмногу бендови (14), најмногу странски бендови (четири), камп, промоција на албум („Трендкил“), беспрекорна организација на необична, но практична локација (асфалтирано ракометно игралиште) и не треба да се занемари дека тоа го прави мала екипа ентузијасти без значајна поддршка од општинските власти.

Во публиката мноштво млади, многу тинејџери, доста од нив тука првпат се стекнуваат со концертна и фестивалска култура и тоа можеби е најголемиот успех на фестивалот. Згора на тоа, меѓу неколкуте стотици посетители само мал дел беа дојдени од Скопје, Охрид, Велес, нешто од Србија.

Во две вечери настапија десет македонски групи и четири од Србија

Музички, листата учесници опфати бројни поджанрови на металот, а со вклучувањето на скопскиот состав „Пич вајс“ малку и излезе од традиционалните рамки.

Четири групи дојдоа од Србија, од кои „Свартгрен“ звучат како најдоброто од современиот блек метал, но фокусот остана на македонската сцена. Колку и да е тоа условено од финансиските ограничувања на организацијата, толку е и добро, зашто до израз доаѓаат недоволно откриени и промовирани домашни таленти, почнувајќи од виртуозните битолчани „Мизантроп“, личен „хајлајт“ на фестивалот.

И уште еден податок вреден за споменување: битолчани не само што се добри организатори, туку и културна публика, па на теренот речиси и не можеше да се види фрлена лименка или хартија,

Г. КОНЕВ