СЕ РАДУВАМ ШТО ЌЕ ПЕАМ ПРЕД МЛАДА ПУБЛИКА НА Д ФЕСТИВАЛ ВО ШТИП, ВЕЛИ ДРАГАН МИЈАЛКОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Се радувам што ќе пеам пред млада публика во Штип, вели Драган Мијалковски пред настапот на Д фестивал, кој ја промени својата досегашна дојранска локација и ќе се одржи од 4 до 6 јули на стадионот во Штип. Мијалковски ќе настапи со Битолскиот камерен оркестар на отворањето на фестивалот од 19 часот, а најавени се и гости како изненадување.

„Знам дека овој настан го следи млада публика, но откако пред неколку години со поголем интензитет настапувам, навикнат сум да гледам и млади пред мене додека пеам. Секако, моите песни се за сите генерации. Ја сакам штипската публика, со неа имам посебна поврзаност, иако на фестивалот Макфест имам пеено само еднаш. Во 1987 настапив со песната ‘Те љубам‘“, ни рече Мијалковски.

„Фолтин“, „Буч Кесиди“, „Архангел“ и диџеј Флудер настапуваат истата вечер на главната бина. На другата бина „Москито“ се диџеј Мана, „Кем“, „Паркети“, „Љубојна“ и Пијан Славеј.

На Д фестивал настапува и Дина Јашари, која пееше пред „Масив атак“ во Скопје (Фото: К. Попов)

Со Битолскиот камерен оркестар Мијалковски пееше лани на концертот на Ѓоко Танески во Античкиот театар во Охрид. Во април 2024, легендарниот пејач одржа два концерта во Операта со ревиски оркестар како прослава на 60 години на сцената, а на оваа идеја се сетија радио „Буба мара“ и неговиот сопственик Ранко Петровиќ. Истата година, тој на „Златна бубамара на популарноста“ доби награда за трајни музички вредности.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ