Се радувам што моите песни им помогнале на луѓето да ги пребродат најтешките моменти или да се радуваат со нив, вели американската аренби ѕвезда Џејсон Деруло, кој на 2 август ќе одржи концерт во Охрид на стадионот „Билјанини извори“.
„Најблагодарен сум што сум мал дел од животите на луѓето. Фановите ми пишуваат дека моја песна им помогнала полесно да го поминат раскинувањето или дека ја запросиле својата девојка со ‘Омажи се за мене‘ (Mаrry Me) или дека моите песни им помогнале полесно да ја поминат пандемијата“, вели Деруло.
За својот настап во Охрид рече дека ќе биде екстраваганција и најголема забава на светот.
„Со мене се некои од најдобрите музичари на планетава и најдобрите танчари. Тоа е луда авантура“, вели Деруло, кој за првпат ќе настапи во Македонија.
„Да, ова ми е првпат во Македонија, но се надевам не и последен. Имам неверојатно верни фанови од почетокот на мојата кариера и секогаш сум почестен што можам да одам некаде далеку од мојот дом“, рече тој за магазинот „Бекстејџ“.
Деруло (36) е пејач, текстописец и танчaр. Од почетокот на соло кариерата во 2009 има продадено над 250 милиони синглови во светот и има 14 платинести синглови во САД. Тој е еден од најпопуларните пејачи кај младата публика, со преку 65 милиони следачи на ТикТок. На 16 февруари 2024 Деруло го издаде својот петти студиски албум насловен „Nu King“.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Вараети