Селин Дион се појави за време на првото полуфинале на Изборот за песна на Евровизија со кратка, однапред снимена порака.
Поп ѕвездата победи на натпреварот за Швајцарија во 1988 година, а организаторите на Евровизија ја поканија да излезе на сцената и да запее годинава како гостинка.
„Не би сакала ништо повеќе од тоа да бидам со вас вечерва“, рече таа во видеото, очигледно отфрлајќи ја таа можност. „Швајцарија засекогаш ќе има посебно место во моето срце. Тоа е земјата која веруваше во мене и ми даде шанса да бидам дел од нешто толку несекојдневно“, рече пејачката.
Дион неколку години се бори со ретката невролошка состојба, синдром на вкочанетост, кој се карактеризира со мускулна ригидност, грчеви, зголемена чувствителност на звуци и светла и емоционална вознемиреност. Таа имаше спектакуларен камбек на музичката сцена откако нејзиниот краток, но моќен настап беше финале на четиричасовната церемонија на отворањето на Олимписките игри во Париз во јули лани.

Во полуфиналето се квалификуваа 10 песни за финалето в сабота, вклучувајќи ја и групата „Кај“ од Шведска која годинава важи за фаворит. Според обложувалниците, Шведска има 40 проценти шанси за победа. Ако се остварат прогнозите, ова би била осма победа за Шведска на Евровизија.
Во финалето влегоа: Норвешка, Албанија, Шведска, Исланд, Холандија, Полска, Сан Марино, Естонија, Португалија и Украина. Во финалето не влегоа: Азербејџан, Белгија, Кипар, Хрватска и Словенија, единствените две земји од регионот од првото полуфинале.
Од нив, најголемото изненадување беше Белгиецот Ред Себастијан, за кој се прогнозираше дека ќе заврши меѓу првите пет. На второто полуфинале в четврток ќе се пласираат уште десет песни.
Земјите од „големата петорка“, кои најмногу финансиски придонесуваат за натпреварот (Франција, Германија, Шпанија, Велика Британија и Италија) се квалификуваат автоматски, како и минатогодишниот победник, Швајцарија.
Фото: ЕБУ