СЕВЕРИНА СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ НА 18 АПРИЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската поп-ѕвезда Северина ќе одржи концерт во Скопје на 18 април во салата „Борис Трајковски“, објави продукција „Прагма“. Скопскиот концерт е дел од нејзината регионална турнеја насловена „Јас само пеам“ (Ја само пјевам) насловена по една од нејзините песни.

Една од своите актуелни песни „Така е, сине мој“ (Тако ти је, сине мој) Северина им ја посвети на српските студенти кои протестираат и ги блокираат Универзитетите барајќи одговорност за смртта на 15 лица во Нови Сад откако на 1 ноември во 2024 падна настрешница на реновираната Железничка станица.

„Тоа е песна за сите, лекција која мајка му ја кажува на своето дете. Почнав да ја пишувам на почетокот на годината, за да се оттргнам од тагата и гневот што ме обзедоа по одлуката на Врховниот суд кој сакаше да ми го одземе детето поради ‘процедурална грешка’. Тогаш песната ми изгледаше тажна, а мене ни ми беше до ништо, па ја оставив настрана“, рече Северина во 2024.

Педесет и пет илјади луѓе меѓу кои и гости од Македонија ја пречекаа 2025 во Сараево, со концерт на Северина на улицата „Маршал Тито“, во народот позната како Титовата улица. Северина меѓу своите песни го испеа и хитот на Кемал Монтено, „Сараево, љубов моја“ (Сарајево, љубави моја) и кажа дека цела вечер се чувствувала дека таа ѝ е придружен вокал на публиката.

Северина на 30 март во 2024 одржа концерт во преполната сала „Борис Трајковски“ во Скопје.