Откако направи своја верзија на „Фернандо“ за продолжението на мјузиклот „Мама миа“, Шер објави дека снимила цел албум со обработки на песни од „АББА“.
„Откако ја снимив ‘Фернандо‘ за потребите на филмот, ми се чинеше забавно да направам цел албум со песни од ‘АББА‘ и го направив тоа. Тоа не е она што ќе помислите кога мислите на ‘АББА‘, затоа што песните ги направив на поинаков начин“, изјави 72-годишната Шер, не откривајќи други детали за овој проект.
Во „Мама миа: Одиме повторно“, Шер ја игра мајката на ликот на Мерил Стрип, која во реалноста е само три години помлада од неа. Шер во филмот ја изведува „Фернандо“ заедно со Енди Гарсија и Бени Андерсон од „АББА“ изјави дека е воодушевен од новата верзија.
„Што да кажам? Таа е икона. Ја направи ‘Фернандо‘ на свој начин. Тоа е сега нејзина песна“, кажа Андерсон.
Тој дојде на премиерата на филмот заедно со Бјерн Улвеус, кој додаде:
„Бев воодушевен кога дознав дека Шер се согласила да ја игра мајката на Мерил Стрип. Таа е извонреден раскажувач и малку мистериозна, токму како песната. Сега сите знаеме дека Енди Гарсија е нејзиниот Фернандо“.
Повеќето од младите актери во филмот не ни биле родени кога „АББА“ престана да постои во 1982 година.
„Кога бев мала, татко ми дома ја пушташе ‘Ватерло‘. Имав десет години кога отидов да ја гледам претставата и бев тотално импресионирана“, вели Лили Џејмс, која ја игра младата верзија на ликот на Стрип.