СИМОН ТРПЧЕСКИ ПРЕМИЕРНО ГО ИЗВЕДЕ „МАКЕДОНИСИМО“ ВО РЕГИОНОТ И ГО ВООДУШЕВИ БЕЛГРАД

Белград, (СМАРТ СДК.МК)

Mакедонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески ја одржа регионалната премиера на проектот „Македонисимо“, што се случи на сцената на „Коларац“ во Белград, во рамките на циклусот „Рефлексии на Бемус“.

Најавен како „настан инспириран од македонската народна музика која ужива почит кај етномузиколозите и публиката ширум светот“, Трпчески настапи во придружба на своите колеги и пријатели: Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на удиралки.

Mногу му се радував на овој концерт во Белград и многу ми е мило како помина. За нас беше предизвик да го изведеме ‘Македонисимо‘ пред белградската и српска публика, која многу пати досега покажала дека ја познава и сака македонската музика. Драго ми е што и ние и публиката имавме една вистинска предновогодишна концертна забава“, изјави Трпчески.

Трпчески и друштвото на еуфоричниот прием и овациите од публиката возвратија со специјален бис во вид на преработка на две српски ора.

Осумдесетминутниот проект „Македонисимо“ минатиот месец со голем успех беше изведен повторно во Велика Британија (Ливерпул и Бирмингам), а за наредниот период се планирани настапи во регионот, Скандинавија, Велика Британија, САД и во Азија.